Прв странец во Неготино – некогашен десен бек на Охрид потпиша за Вардар Неготино

Суперлигашот Вардар Неготино, кој во продолжението од сезоната ќе се бори за опстанок во македонската елита, го ангажираше првото странско засилување за натпреварите од плеј-аут фазата.

Ново име во редовите на Вардар Неготино е искусниот Лазар Адамовиќ, кој настапува на позицијата десен бек и има големо интернационално искуство.

Српскиот интернационалец во својата кариера настапуваше во Шпанија, Грција, Италија, Кувајт, како и во Македонија.

27-годишниот ракометар две сезони го носеше дресот на Охрид и заедно со македонскиот тим во сезона 2017/18 учествуваше на европска сцена.

Вардар Неготино во битката за опстанок ќе игра со екипите на Радовиш, Куманово, Прилеп, Струга, Јуниор КВ, Скопје и Голден Арт.

Клубот во продолжението од сезоната ќе биде предводен од старо-новиот тренер Петар Ангелов, откако по завршувањето на првиот дел од сезоната си замина Владимир Глигоров.