„Првиот пат кога ми кажаа дека сум позитивна не бев под стрес, ама вториот пат…“

Репрезентативката на Црна Гора и поранешна ракометарка на Будуќност, Ѓурѓина Јауковиќ имаше проблеми со коронавирусот. Таа беше еден месец во само изолација додека целосно да закрепне од вирусот.

Сепак, успеа да ја надмине болеста и веќе се приклучи на својот нов тим Брест во Франција. Во интервју за reprezentacija.me, Јауковиќ го сподели своето искуство за коронавирусот.

„Прво имав компликации со визата, затоа што, буквално во тоа време заради вирусот сè запре. Бев толку упорна што си реков себеси не е важно, ќе чекам, но кога пристигнаа резултатите од тестот …Првиот пат, кога ми рекоа дека сум позитивна, не бев под стрес како вториот пат. Бев шокирана затоа што тестот после три недели покажа дека сум позитивна. За среќа, поминав без никакви тешкотии и се надевам дека нема да има последици. Тој месец беше најтешкиот период за главата и психата. За среќа, јас бев со мајка ми и успеавме да го поминеме времето на вистински начин и да се дружиме. Бев ментално силна затоа што имав цел и не сакав да се откажам. Искрено, имаше период кога мислев дека е сè залудно, затоа што не знаев кога и дали ќе одам во Франција. Сепак, ваквите мисли не траеја долго, мајка ми беше тука, семејството ме охрабри, и успеав да тренирам. Секој ден примав задачи од тренерот Драшко Радојичиќ. За среќа, сè помина без проблеми “, рече Јауковиќ.

Јауковиќ летово направи трансфер од Будуќност во Брест, после пет години поминати во црногорскиот шампион.