Првиот контролен испит положен – Македонија славеше прoтив Црна Гора

Машката сениорска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на пријателските натпревари пред стартот на Светското првенство во Полска и Шведска.

Избраниците на Кире Лазаров триумфираа против селекцијата на Црна Гора со 38-33, но и двете селекции не беа со најсилните ростери. Кај нас недостигаа Митревски и Кузмановски, додека шанса не добија Савревски, Петар Атанасијевиќ и Петковски.

Победата беше најавена уште по првиот дел, кога нашите ракометари имаа висока предност од шест погодоци, 19-13. Во финишот Македонија имаше и плус десет, 33-23, а само ротациите и опуштањето беа причина Црногорците да го направат поразот пристоен.

Најдобри стрелци во нашите редови беа Дејан Манасков со десет гола, пред Филип Талески, Игор Ѓоргиев и Гоце Георгиевски со по пет погодоци. Во селекцијата на Црна Гора се истакна Стеван Вујовиќ со осум гола, додека Филип Вујовиќ и Милош Божовиќ постигнаа по пет погодоци.

Утре Македонија и Црна Гора од 14:00 часот ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, додека избраниците на Кире Лазаров ги чекаат уште средби со Хрватска и Израел во 2023 година.

Македонија во група со Норвешка, Аргентина и Холандија на Мундијалот, а натпреварите ќе ги игра во „Таурон Арена“ во Краков.