Прва победа за унгарскиот тим: ПИК Сегед во вториот дел го скрши отпорот на Елверум

Ракометарите на ПИК Сегед после многуте проблеми со коронавирусот и карантинот конечно се враќаат на терените во Лигата на шампионите. Во својот четврти натпревар унгарскиот тим ја оствари првата победа откако славеше на свој терен над Елверум со 36:27.

Натпреварот започна израмнето, најчесто со минимална предност на едната или другата страна. ПИК Сегед прв пат поведе со два гола, 5:3 и 6:4 но Елверум брзо изрмани со головите на Мате и Пујол. Сепак домашната екипа до крајот на првиот дел успеа да обезбеди предност од 17:15 пред продолжението.

Во второто полувреме ПИК Сегед имаше многу поубедливо издание, а голем придонес во победата даде и голманот Роланд Миклер со 17 интервенции. Вториот дел избраниците на Хуан Карлос Пастор го започнаа со серија од 3:0 за пет предност. Во продлжението се покажа дека ова беше клучниот период кој го одлучи победникот на натпреварот.

Во текот на целото второ полувреме ПИК Сегед го контролираше резултатот, најчесто имаше пет или шест предност која без проблеми ја задржа до крај за прва жсезонска победа во Лигата на шампионите. Во завршницата стигнаа и до највисоката предност од девет гола.

Најефикасен во победничкиот тим беше Ричард Бодо со девет погодоци, а Банхиди и Кашпарек постигнаа по шест гола. Во составот на Елверум, Кристофер Блонц со седум гола беше прв стрелец, а Пујол и Лангас погодија по четирипати. Со оваа победа ПИК Сегед му го препушти последното место на табелата на денешниот противник во групата А.