По долго време, Кичево со победа во плеј-аутот

Ракометарите на Кичево ја почувствуваа втората победа во плеј-аут фазата во Првата лига откако беа убедливи против екипата на Риниа-М со 37:26. На овој натпревар, Риниа-М на теренот настапи со само седум ракометари, односно една постава.

На свој терен, Кичево уште во раната фаза од натпреварот најави дека бодовите ќе заминат на нивното конто. Одличниот старт од 7:2 беше само најава за висока победа на домаќините.

Тренерот на Кичево, Драган Којчески шанса на натпреварот им даде на сите ракометари. Првото полувреме заврши со предност за домашниот тим од осум гола разлика, 17:9.

Кичево во второто полувреме имаше и 15 гола предност, 30:15, но при самиот крај, Риниа-М искористи неколку грешки на противникот и го ублажи поразот.

Во составот на Кичево најефикасни со по шест гола беа Кристијан Смилески и Никола Стојчески. Во поразената екипа, само тројца ракометари се запишаа во денешната статистика, а најефикасен беше Бојан Јакимовски со 12 гола.