Почнаа одложувањата и во квалификациите за ЕП – нема да се играат осум натпревари!

По многуте одложени натпревари во клупските натпреварувања под капата на ЕХФ, започнаа одложувањата и на натпревари од квалификациите за Европското првенство што треба да се игра во Унгарија и Словачка во 2022 година.

Иако требаше во двете кола во рамките на ЕХФ недела да се одиграат вкупно 32 натпревари, ќе се одиграат најмногу 24, а таа бројка ќе се намалува како што ќе одминуваат следните неколку дена. Причините се различни – различни ковид-протоколи, потешкотии за патувања, немање услови за подготовки во корона време, голем број ракометари во изолација…

ЕХФ се уште стои на ставот дека ќе се игра таму каде што може да се игра, а другите натпревари веројатно ќе се одиграат во јануарскиот циклус пред Мундијалот во Египет или во мартовскиот термин за ЕХФ неделата, евентуално во јуни следната година.

Од групата 1 одложени се натпреварите Франција – Белгија и Белгија- Србија, а би требало да се играат Србија – Грција во Зарењанин и Грција – Франција во Кожани.

Белгиската федерација побара одложување од ЕХФ на нивните натпревари поради строгите мерки против коронавирус, Белгијците не можат да спроведат подготовки на ниво што ќе биде доволно за ваков ранг натпревари.

„Не сакам моите играчи да бидат топовско место. Неодговорно ќе биде да играме со ракометари што не тренирале еден месец“, изјави белгискиот селектор Арно Калбри.

Од групата 2, барем засега, сите натпревари остануваат според планираното. Австрија во Грац ќе ја чека Естонија, а Гермнија ќе игра со Босна и Херцеговина во Диселдорф. Во второто коло треба да играат Естонија – Германија и Босна и Херцеговина – Австрија.

Од групата 3 одложени се двете средби меѓу Чешка и Фарски Острови, поради тоа што енормно е зголемен бројот на позитивни случаи на коронавирус во Чешка, додека Русија и Украина ќе ги играат двата натпревари на 5 и 7 ноември во белоруската престолнина Минск.

Од групата 4 нема да се игра дуелот меѓу Исланд и Израел, поради строгите правила на островот за гости од оваа земја. Сепак „рибарите“ ќе го одиграат домашниот дуел со Литванија, а останува да се играат и средбите Португалија – Израел и Литванија – Португалија.

Од групата 5 ќе се играат сите планирани четири меча: Холандија – Турција, Словенија – Полска, Полска – Холандија и Турција – Словенија. Сепак селекциите ќе бидат ослабени за услугите на голем број ракометари што со своите клубови веќе се наоѓаат во изолација.

Од групата 6 три средби се одложени. Белорусија поради тоа што беа откриени многу позитивни ракометари од оваа селекција нема да има собир и нема да игра дома со Италија, ниту пак ќе гостува кај Летонија. Извесно е дека нема да се одигра ниту дуелот меѓу Италија и Норвешка, па опстанува единствено да се игра средбата меѓу Норвешка и Летонија.

Од групата 7, каде што е Македонија, засега останува да се игра според планот, иако ситуацијата не е идеална, особено во нашиот состав, со оглед на карантинот на Вардар и Металург. Сепак би требало да се одиграат средбите: Македонија – Финска, Данска – Швајцарија, Швајцарија – Македонија и Финска – Данска.

Од групата 8, исто така би требало да се играат според планот четири натпревари: Црна Гора – Косово, Шведска – Романија, Романија – Црна Гора, Косово – Шведска.