Потиќ: Квалитетот е на наша страна, но Криенс мора да го сфатиме сериозно

Ракометарите на Металург вечерва од 20:45 часот го играат првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на Европа против швајцарскиот Криенс Луцерн.

Десниот бек Никола Потиќ, кој игра во одлична форма на стартот на сезоната, вели дека Криенс е ривал по мерка за остварување на главната цел, но и дека станува збор за сериозна екипа.

„Од моментот кога го дознавме ривалот, веднаш се фокусиравме на тие два меча со оглед дека нашата главна цел е пласман во групната фаза на Лигата на Европа. Го посакувавме Луцерн, верувам дека квалитетот е на наша страна, но нема воопшто да биде лесно, тие се сериозна екипа. За да се пласираме во групите, мора да го претставиме Металург во најдобро можно светло“, вели Потиќ за 24Ракомет.

Српскиот интернационалец вели дека Криенс е анализиран и ракометарите знаат од каде доаѓа главната опасност.

„Тоа е екипа што има една постава, а така слично јавноста размислува за нас. Јас сепак сметам дека во Металург има одлични ракометари, кои кога ќе влезат на терен може да направат разлика. На пример Додиќ, кој има само 18 години, тука е Шилегов кој прави одлично дуо со Хорват. Во екипата на Криенс, најдобрите играчи се странци. Тука се опасните Лапајне, Харбуз, Гаврановиќ…но ние ги анализираме на натпреварите од швајцарското првенство и знаеме од каде доаѓа главната опасност“, продолжува Потиќ.

Десниот бек по неуспешните авантури во Загреб и Либек, се чини се пронајде себе во дресот на Металург.

„Имав повреда на дебито во националниот тим, а Загреб немаше трпение и не можеше да ме чека да се вратам, па заминав во Либек. Таму ми се случи нов пех, беше потребна нова операција. Мислам дека во Металург се пронајдов себе и очекувам да и помогнам на екипата во остварувањето на целите“, заврши Потиќ.

Натпреварот меѓу Металург и Криенс се игра вечерва во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.