Порторико грабна мундијалски билет за Шпанија

Репрезентацијата на Порторико е новиот учесник на Светското првенство во Шпанија кое ќе се одржи во декември оваа година.

Во финалето од квалификацискиот турнир за СП на Северна Америка, Порторико беше убедлив против Гренланд со десет гола разлика, 34:24.

Иако обезбедија место на Мундијалот, сепак нивната федерација треба да најде финансиски средства за учество во Шпанија.

До овој момент, Авганистан сè уште е неизвесен за настап на Азискиот шампионат кој дава шест учесници на Светското првенство.

Ако Авганистан не се појави на Азискиот шампионат, тогаш Азија нема да има шест места на Мундијалот во Шпанија, затоа што бројот на репрезентации што треба да играат на квалификации ќе биде помал од минималниот, 12.

Според регулативите на ИХФ, тоа место го добива најдобриот континент од претходното СП, а тоа е Европа. Прва европска резерва е Македонија, која би можела да добие место на Мундијалот.