Поранешен македонски селектор ќе го води Вардар Неготино

Тимот на Вардар Неготино ги израдува љубителите на ракометот во Неготино и обезбеди место во елитната конкуренција, па неготинци ќе гледаат суперлигашки натпревари од наредната сезона.

Раководството на тимот веќе почна со формирањето на ростерот за наредната сезона, а прво беше решено тренерското прашање. Тимот ќе го води Владимир Глигоров, некогашниот селектор на женската репрезентација на Македонија.

Во стручниот штаб на Глигоров ќе бидат Ратко Велјанов, кој го водеше тимот откако замина Петар Ангелов, како и кондицискиот тренер Горан Стојановски, кој исто така работеше во клубот и со претхдоните тренери.

Глигоров се враќа во Македонија по работата во Сирија, со која играше на Азиското првенство, а претходно работеше во Саудиска Арабија и Либан. Женската селекција на Македонија предводена од Глигоров беше осма на ЕП во 2008 година. Во Македонија работеше во Кометал Ѓорче Петров, во Металург РА, Голден Арт, како и уште неколку екипи.

Неготинци го решија тренерското прашање, а во следниот период ќе бидат познати и плановите околу играчкиот кадар.