Поранешен македонски селектор презема клуб од Косово

Поранешниот македонски селектор Ристо Магдинчев во остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 ќе биде предводник на косовскиот суперлигаш Вуштрија.

Раководството на Вуштрија денес официјално го претстави Магдинчев како нов тренер на клубот, кој во оваа сезона направи камбек во најквалитетното натпреварување на Косово.

За Магдинчев ова ќе биде втор тренерски ангажман на Косово, бидејќи во минатото работеше како тренер во Борац Урошевац.

Магдинчев е искусен стратег, кој во својата тренерска кариера во Македонија го водеше Јуниор Кисела Вода, Тиквеш, Вардар, ЖРК Вардар, Жито Прилеп и Пелистер.

На меѓународно ниво беше тренер во Висп, Железничар Сараево, Металопластика Шабац, Ловќен Цетиње, Борац Урошевац, Ал Кадисија, а своевремено беше тренер и на сегашниот европски гигант ПСЖ.

Македонецот беше селектор и на репрезентациите од Азија, Катар и Саудиска Арабија. Со Катар го освои 4 место на младинскиот шампионат на Азија.

Во 2013 година стана селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, но се задржа само една година, односно селекторската функција ја извршуваше до октомври, 2014.