Поранешен вардарец во трка за најдобар ракометар за 2021 година

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги објави имињата на претендентите за титулата најдобар играч во светот за 2021 година.

За високата престижна награда во светот ќе се борат двајцата репрезентативци на Данска, Никлас Ландин и Матијас Гидсел.

Во конкуренција е и поранешниот ракометар на Вардар, Алекс Душебаев, кој не настапи на Европското првенство во Унгарија и Словачка, кружниот напаѓач од Франција, Лудовик Фабрегас, како и репрезентативецот на Шведска, Џим Готфридсон.

Гласањето, кое ќе се одвива преку официјалната страна на ИХФ, ќе започне на 7 март и ќе трае до 28 март.

Ракометните фанови минатата година не беа во можност да ги одберат најдобрите играчи во машка и женска конкуренција за 2020 година бидејќи ИХФ одлучи да го откаже изборот поради ковид пандемијата.