Поради неисплатени плати – Металург денеска нема да го игра мечот со Чаир!

Поранешниот шампион на Македонија, Металург, денеска нема да го одигра мечот од 7 коло во плеј-офот од Женската лига.

Ракометарките и стручниот штаб го известиле раководството дека нема да се појават на мечот со Чаир кој беше закажан за денеска во 12:30 часот.

„Жрк Металург денес нема да го одигра натпреварот со Жрк Чаир, поради неисплатени плати. Тешко оди со реализација на ваучер овој период, барем нас, сите оставаат за крај на година. Се надевавме дека ќе си го исполни ветеното владата и директно ќе исплаќа на сметка на Клубови, како што вети министерот за финансии, но ете остана маката со ваучерите…На 2 кола до крај и Купот, за жал ќе мора да ги разберам девојките и да прифатам“, вели претседателката на клубот, Зорица Блажевска.

Металург на две кола до крајот на разигрувањето за титулата има шанса да се избори за место во европските купови.

Бранителот на трофејот во Купот треба да игра во полуфиналето на 12 мај против Куманово на Ф4 во Охрид.