Sebastian HEYMANN (11), Michal DASZEK (03), Piotr JEDRASZCZYK (04), Michal OLEJNICZAK (05), Szymon SICKO (09), Ariel Piotr PIETRASIK (12), Maciej PILITOWSKI (20) and Kamil SYPRZAK (21) during the handball match Poland vs Sweden, Men’s EHF EURO 2022 Hungary, Slovakia, Bratislava, 21.01.2021, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Полска одигра слабо прво полувреме, но потоа за десет минути ја реши Италија

Ракометарите на Полска со победа го започнаа квалификацискиот настап за пласман на Европското првенство 2024 година, кое ќе се одржи во Германија. Избраниците на Патрик Ромбел потешко од очекувано ја совладаа Италија со седум гола разлика, 30:23.

Италија даде силен отпор, посебно во првите 30 минути кога рамо до рамо се носеше со поискусните ракометари од спротивниот табор. Полска на полувреме замина со минимална предност од 10:9 и во вториот дел за десетина минути успеа да го скрши отпорот на гостинот.

Во редовите на Полска најефикасен беше Аркадиуш Морито со девет гола од десет обиди. Членот на Вардар, левото крило Јан Чувара беше стрелец на еден гол. На голот на Полска, Адам Моравски имаше девет интервенции.

Полска на 16 октомври ќе гостува кај Летонија, а селекцијата на Италија на свој терен ќе ја пречека Франција.

Победа во квалификациските натпревари оствари и Норвешка, која рутински одигра против Словачка и дојде до триумф од 38:26 (19:11). Овие две репрезентации последен пат се сретнаа на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Исто и на континенталниот собир, скандинавската селекција беше подобра.

За Норвешка следен предизвик ќе биде натпреварот на 16 октомври против Финска. На истиот датум, селекцијата на Словачка во Кошице ќе ги одмери силите со Србија, која во првиот квалификациски натпревар лесно се справи со Финска.

Шведска во натпревар од ЕХФ Евро Купот ја совлада Германија со 37:33 (19:16) и покажа дека сѐ уште е силна за високи дострели на големите натпреварувања.