Покрај Миркуловски, од Вецлар заминуваат уште седум ракометари

Екипата на Вецлар освен со Миркуловски, јавно се збогуваше уште со седум ракометари, кои во наредната сезона ќе имаат нов предизвик и на нивно место веќе се ангажирани неколку засилувања од Германија и странство.

Од Вецлар си заминуваат и украинскиот голман, Генадиј Комок, потоа двајцата ракометари кои настапуваат на пикерската позиција, Феликс Данер и Патрик Гемп, десниот бек од Хрватска, Иван Сршен, средниот бек, Александар Фелд, шведскиот интернационалец, кој настапува на позицијата лев бек, Оле Форсел и левото крило, Максимилијан Холст.

Од споменатите ракометари, само дестинацијата на Оле Форсел е позната. Ракометарот од Шведска во следната сезона ќе го носи дресот на Рајн Некар. Филип Миркуловски ќе остане во екипата на Вецлар, но во улога на помошен тренер. Во Вецлар во новата сезона ќе пристигне репрезентативецот на Црна Гора, Радојица Чепиќ, членот на Војводина, Јовица Николиќ, како и Хендрик Вагнер од Лудвигсхафен, односно Јонас Шелкер од Кадетен Шафхаузен.

Вецлар сезоната во Бундес лигата ја заврши на 7. позиција на табелата, со биланс од 16 победи, 15 порази и три нерешени средби. На Вецлар му беа потребни само четири бодови за да стигне до 5 место, кое носи пласман на европска сцена, но клубот не успеа да обезбеди место меѓу најдобрите пет екипи поради големата конкуренција во најсилната лига во светот.