Познат составот на Норвешка за СП – напаѓа со Сагосен, Бјорнсен, Рајнкинд…

Новиот селектор на репрезентацијата на Норвешка, Јонас Виле го објави конечниот список на играчи за настап на Светското првенство во јануари, кое ќе се одржи во Полска и Шведска.

За потсетување, Норвешка е еден од ривалите на македонската репрезентација на Мундијалот. Норвешка освен со Македонија ќе игра и со селекциите на Холандија и Аргентина во рамки од групата Ф.

Меѓу избраните играчи се најде и еден од најдобрите ракометари на светот, Сандер Сагосен, кој пред извесен период се врати на терените, откако отсуствуваше поради повреда.

На списокот се најдоа двајца дебитанти. Станува збор за голманот Емил Имсгард и средниот бек Тобијас Грендал. Двајцата ракометари се членови на Елверум, клуб, кој што учествува во Лигата на шампионите.

Грендал игра одлична сезона во шампионот на Норвешка и во досегашниот тек од сезоната во најквалитетното европско натпреварување има постигнато 33 погодоци, па така повикот за настап на Мундијалот беше неизбежен.

Состав на Норвешка: Торбјорн Бергерут (Колштад), Емил Имсгард (Елверум), Кристијан Северас (Лајпциг), Магнус Гулеруд (Колштад), Томас Солстад (Силкеборг), Петар Оверби (Кил), Сандер Сагосен (Кил), Горан Јоханесон (Фленсбург) Кристијан О’ Саливен (Магдебург), Тобијас Грендал (Елверум), Ерик Тофт (Колдинг), Сандер Оверјордерт (Колдинг), Симен Петерсен (Скјерн), Харалд Рајнкинд (Кил), Магнус Род (Фленсбург), Ветле Ек Ага (Колштад), Кристијан Бјорнсен (Алборг), Себастијан Бартолд (Алборг), Кевин Гуликсен (Гепинген), Александер Блонц (ПИК Сегед).

Норвешка пред настапот на СП ќе одигра три пријателски натпревари. Избраниците на Виле ќе тестираат пртив Полска, Шведска и САД.

Скандинавската селекција првиот дуел на Светското првенство ќе го одигра против Македонија. Дуелот меѓу Норвешка и Македонија е закажан за 13 јануари, со почеток од 18:00 часот.