Познат е распоредот на ЕП: Македонија отвора со Црна Гора, на крај со Чешка

Женската младинска репрезентација на Македонија од четврток ја очекува настапот на Европското првенство во Романија. Избраничките на Јулијана Дамчевска се дел од групата Д, каде ќе играат против Чешка, Црна Гора и Данска.

Првиот меч Македонија го игра против Црна Гора в четврток, в петок е пресметката со Данска, додека по еден слободен ден следува двобој со Чешка.

Натпреварите од групата Д ќе се играат во градската спортска сала во Миовени, таму ќе бидат и двобоите од групата Ц, додека средбите од А и Б групите се играат во Питешти.

Младинките пред стартот на ова ЕП играа на два турнири во Унгарија и Романија, забележаа порази од двата домаќини, Холандија, Швајцарија и Србија, а единствено ја победија селекцијата на САД.

Натпреварите по групи на ЕП се на програмата од 6 до 9 јули, потоа на 11 и 12 се дуелите од главната рунда и разигрување за пласман. На 14 јули се играат полуфиналните средби, на 15 јули дуели за пласман и на последниот ден се финалето и дуелот за третото мместо.

Распоред на натпревари:

6 јули, 18:45, Македонија – Црна Гора
7 јули, 16:30, Македонија – Данска
9 јули, 14:15, Македонија – Чешка