Познати групите за Европското младинско првенство во Португалија

Денес се одржа ждрепката за Европското младинско првенство за ракометари до 20 години, кое ќе се одржи во периодот од 7 до 17 јули, 2022 година, а домаќин ќе биде Португалија.

Последното Европско младинско првенство се одржа во 2018 година. Поради ковид пандемијата, во 2020 година, континенталниот собир за ракометари до 20 години беше откажан.

16 репрезентации, кои ќе учествуваат на Европското младинско првенство во Португалија беа поделени во четири групи и секоја група ќе брои по четири репрезентации.

Од прелиминарната фаза, двете првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во главната фаза, додека останатите селекции ќе продолжат да разигруваат за пласман од 9 до 16 место. Првопласираните селекции од главната фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето.

Од балканските земји во Португалија ќе учествуваат селекциите на Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.