Подравка без милост за слабата Будуќност, во Ѓер не се признаваат шампиони

На денешниот старт од Лигата на шампионите во женска конкуренција имаше две изненадувања. По храброто реми на Борусија Дортмунд против амбициозниот тим на ФТЦ Будимпешта, 25:25, екипата на Подравка со победа против Будуќност од 29:22 ја стартуваше новата сезона во најквалитетното европско натпреварување.

Ракометарките на Подравка натпреварот го решија уште во првиот дел кога на пауза заминаа со високо водство од 22:12. Во вториот дел, избраничките на Бојана Поповиќ се потрудија да ја намалат преголемата разлика, но домашната екипа не дозволи поголем отпор на екипата од Подгорица.

Најефикасни во составот на Подравка беа Лариса Калаус и Дејана Милосављевиќ со по шест гола. Екс вардарката, Дијана Илина во дресот на Подравка постигна пет гола. Во Будуќност најефикасна беше руската интернационалка, Валерија Маслова со осум гола, додека Татјана Брновиќ беше втор стрелец со пет гола.

Унгарскиот вицешампион, Ѓер на домашен терен беше подобар од актуелниот шампион на Европа, Вајперс Кристијансад со 35:29. На полувреме, Ѓер имаше предност од четири гола, 17:13. Прв стрелец во победничкиот табор беше Викторија Лукач со седум гола. На спротивната страна, Дал Вале беше незапирлива со 12 постигнати гола.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ЖЕНИ

1.КОЛО

БОРУСИЈА – ФТЦ БУДИМПЕШТА  25:25 (12:14)
РОСТОВ ДОН – БРЕСТ БРЕТАЊ  26:24 (16:13)
ПОДРАВКА ВЕГЕТА – БУДУЌНОСТ 29:22 (22:12)
ЃЕР – ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД 35:29 (17:13)