„Подобро е да играте ракомет отколку да работите на градилиште“

Голманот на белорускиот тим Машека, Владимир Котов за прв пат доби повик во националниот тим. Тој на 31 година требаше да дебитира за Белорусија но коронавирусот го спречи, бидејќи беа одложени средбите против Летонија и Италија.

Котов има играно за повеќето екипи во белоруското првенство, но пред да почне сериозно да се занимава со ракомет паралелно работел во градежништвото и играл. Голманот во интервју за hand-ball.ru раскажа како е да се работи на градилиште и да се игра ракомет.

„Работев на градилиште, помагав на момците, носев вреќи и големи греди. Работев повеќе од една година и на никого не би му посакал да го работи тоа. Подобро е да играте ракомет отколку да работите на градилиште или да перете возила. Се работи на студ и дожд, кога сте надвор на пример на минус пет, рацете смрзнуваат и прстите не можат да задржат ништо. Јас едноставно не сакам да го работам тоа“, рече Котов.

Белорусинот нагласи дека не сака да се присетува на тоа време и се обидува да го заборави тој период од животот.

Тогаш морал да работи за да има некакви приходи за живот кои изнесувале околу 400 долари. За Котов, Дмитри Никуленков има изјавено дека е најнезгодниот голман во првенството за што придонесува и корпулентноста на голманот.