Подмладената Македонија со три гола негатива на полувреме против Србија

Машката репрезентација на Македонија губи на полувреме на првиот пријателски натпревар од Србија со 18-15. Македонија стартуваше со Кизиќ на голот, крила беа Кузманоски и Костески, пикер Аларов, а бековската линија ја сочинуваа Младеновиќ, Ѓорѓиев и Серафимов.

Нашите момци имаа лош старт. Со двата гола на новајлијата во српскиот национален тим, Драган Пешмалбек, како и на Борзаш и Воркапиќ, Србија се одлепи на предност од 4-0. Тоа беше причина, Кире Лазаров по пет минути игра да бара тајм-аут.

По еден долг напад, Аларов прифати една топка и го постигна првиот гол за Македонија, 4-1. Уште неколку грешки во нападот беа причина, Србија да се одлепи на највисоки 6-1.

Таквата предност ја одржуваа петнаесетина минути, 11-6, но потоа нашата селекција имаше налет. Кузманоски, Јагуриновски и Мишевски погодија за 11-9 и веќе беше надминат почетниот притисток. Шанса добија Симоноски, Кукуловски, Ѓорѓовски, Кондев, Ѓорѓески, но две грешки во нападот и Србија се одлепи повторно на највисоките плус пет, 15-10.

Кондев погоди од контра за 15-12, а потоа Ѓорѓиев не беше прецизен од пенал на пет минути до крајот. Кизиќ забележа одбрана, па веднаш казната за домашните стигна од Младеновиќ за 15-13.

Беше и 16-14, па 17-15, пред Србите со уште еден гол да поведат со 18-15. Нашите момци не го реализираа последниот напад во првиот дел. Кузманоски постигна три гола, по два имаат Ѓорѓиев, Јагуриновски и Аларов.