Победничката серија на Македонија продолжува, со одличен финиш до триумф и против Израел

Репрезентацијата на Македонија продолжи со победите во подготовителниот период, а денеска го совлада Израел на првата од двете контроли со 31:28.

Од почетокот на средбата се влезе во мал грч. Репрезентацијата на Израел го диктираше темпото и беше во предност. Неколку минути траеше водството од еден или два гола така што Македонија се обидуваше да фати приклучок.

Ритамот почна да се засилува после 10. минута кога беше преземано водството. Со голот на Кузманоски, Македонија во 14. минута успеа да дојде до првата предност на оваа средба од 7:6 и тука ја презеде контролата на средбата и во 18. минута имаше водство од 10:8.

Во 20. минута тајм-аутот, Израел успеа да се врати од негативата од два гола и да израмни на 10:10. Минута подоцна гостите имаа и водство од еден гол што доведе до нов пресврт, па ова беше знак дека Лазаров ќе мора да побара тајм-аут.

Ова не даде резултат бидејќи откако резултатот беше одново израмнет на 11:11 следуваше нова криза во играта, па брзо резултатот дојде до 11:13. Македонија успеа да намали одново на гол, но на секој погодок гостите враќаа. Така продолжи до крајот на првото полувреме, но на одмор се замина со гол негативата откако Мишевски со третиот гол донесе 14:15 пред заминувањето на одмор.

Вториот дел гостите одново го отворија подобро и продолжија со преднсота од два гола. Сепак, во 35. минута се дојде до израмнување на 17:17. Одново Израел успеа да има плус два и во 40. минута имаше 20:18.

Ова беше последниот момент во кој Израел водеше со два гола разлика бидејќи тука тргна подготовката за финиш. Со серија од три гола се стигна до 21:20 и целосен пресврт кој овозможи во продолжението од натпреварот да биде далеку подобро.  На средина од второто полувреме резултатот беше 23:21 и тука беше најавена победата на овој дуел.

Како што се доближуваше средбата до крај така предноста стануваше поголема и со тоа и сигурноста. Беше јасно дека Македонија ќе успее да го совлада Израел и да има уште една победа во контролите пред ЕП.

На четири минути до крај водството беше 29:25 и тука веќе беше решено се така што прашањето беше само со која разлика ќе биде совладан Израел на првата контролна средба.

Ненад Костески беше најефикасниот играч на Македонија на овој дуел со пет гола, додека по четири погодоци имаа Цветан Кузманоски и Филип Кузмановски. Митревски ја заврши оваа средба со седум, а Томовски со четири интервенции.

МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ            31:28 (14:15)

МАКЕДОНИЈА: Митревски (7 одб.), Томовски (4 одб.), Ојлески 1, Талески 4, Ѓоргиев 1, Серафимов 1, Мишевски 3, Костески 5, Стоилов 2, Кузманоски 4, Велковски 3, Кузмановски 4, Миркуловски 1, Симоноски 1, Георгиевски 1