ПИК Сегед против Вардар – ОДЛОЖЕНО?!

Ракометарите на Вардар веројатно втора седмица по ред ќе останат без натпревар од Лигата на шампионите!

Европската ракометна федерација ќе го одложи натпреварот од третото коло на елитното натпреварување, со оглед на тоа што во ривалот на вардарци – унгарскиот ПИК Сегед, има дури седум позитивни случаи на коронавирус.

Унгарскиот тим има и тројца повредени играчи, па сигурно му одговара оваа средба да не се игра во предвидениот термин на 1 октомври од 20:45 часот.

Според протоколот, вардарци требаше со негативни тестови, утре рано наутро со автобус да патуваат за Сегед, но со оглед на тоа што денеска не беа направени тестови на Ковид-19, минимални се шансите да има натпревар в четврток.

Сепак ќе ја почекаме официјалната информација од страна на ЕХФ.

Вардар во првото коло загуби од Мешков Брест, а вториот дуел против Елверум беше одложен по барање на гостите.