Пешевски: Функционираме многу добро со Лазаров, се надевам ќе се радуваме многу во иднина

Машката ракометна репрезентација на Македонија ја чека двомеч од квалификациите за Европското првенство во Унгарија и Словачка, против светскиот првак Данска.

Избраниците на Кире Лазаров вечерва ќе го одржат последниот тренинг, а пикерот Жарко Пешевски вели дека овие два меча мора да послужат за поправање на впечатокот од Египет.

„По Мундијалот каде што сите знаеме како одигравме, сега ќе играме двомеч против светскиот првак Данска. Нема потреба да се должи и објаснува која е Данска, но ние сме поважни во овој двомеч. Ние треба да покажеме дека настапот на СП бил само лошо издание и да дадеме се од себе за што подобар резултат“, вели Пешевски.

Пикерот кој има одлична сезона во Германија вели дека било малку чудно на стартот со новиот селектор Кире Лазаров.

„Малку чудно е, но само првите моменти, потоа сфаќаш дека селекторот ти е соиграч, со кој си делел и добро и лошо. Функционираме многу добро и се надеваме дека таа конекција ќе биде уште подобра и ќе се радуваме во иднина“, заврши Пешевски.

Првиот меч меѓу Македонија и Данска се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека вториот натпревар е на програмата в недела во Алборг во „Гигантиум Арена“ со почеток во 16:00 часот.