Пешевски: Очекувам успешна сезона што ќе остане запаметена

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер се наоѓа во Маврово каде што ја одработува првата фаза од подготовките за новата сезона.

Новиот капитен на битолчани, Жарко Пешевски, очекува дека тој и неговите соиграчи добро ќе се подготват за сите предизвици.

„Подготовките се тешки, почнавме жестоко од самиот старт, но ние сме шампионите на Македонија и мора да бидеме максимално подготвени за предизвиците што ги носи играњето во Лигата на шампионите“, вели новиот капитен на пелистерци.

Во Еурофарм Пелистер пристигнаа дузина нови ракометари, кои беа добро прифатени уште од самиот старт.

„Сите нови играчи се добро прифатени од стартот, сега имаме тренинзи само за сила, за трчање, многу малку ракометни тренинзи. Но според говорот на нивните тела, желни се да се докажат и да се покажат во најдобро светло во дресот на Еурофарм Пелистер. Мислам дека ќе имаме успешна сезона што ќе биде запаметена“, продолжи Пешевски.

Битолчани минатата сезона го прекинаа постот од 18 сезони без титула дома, па сега без голем товар ќе играат на сите фронтови.

„Мислам дека голем дел од товарот ни падна откако ја освоивме титулата минатата сезона. Тоа ќе ни биде мотивација плус за во иднина. Сите ќе играат мотивирано и максимално против нас во македонското првенство. Тоа ќе биде предизвик, треба многу сериозно да ги сфатиме тие натпревари, како и оние во Лигата на шампионите, што ќе бидат спектакл, во кој ќе треба да уживаме и се надевам дека ќе постигнеме што поголем успех“, заврши Пешевски.

Пред официјалниот старт на сезоната, битолчани ги чекаат пријателски натпревари против вториот тим, против Охрид, а потоа настапи и на „ТВ турнирот на шампионите“ во Добој и на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ во Охрид.