Пешевски го доби македонското дерби во Бундес, нов пораз на Томовски

Во 8. коло од Бундес лигата на програмата беше македонското дерби во кое се сретнаа Штутгарт и Хановер, односно Жарко Пешевски против Филип Кузмановски. На крајот поуспешна беше домашната екипа на Штутгарт со 31:26 која продолжува со одличните игри.

Штутгарт имаше контрола во текот на целиот натпревар, рано поведе со високи пет гола, 6:1, и сигурно ја одржуваше предноста во текот на првиот дел. Во завршните минути Пешевски и колегите имаа и осум предност, а на полувреме беше 15:9.

Хановер во продолжението не успеа ниту да се закани, резултатот постојано беше пет или шест разлика и тоа беше доволно за нова победа на Штутгарт со која се искачија на второто место на табелтата. Жарко Пешевски постигна еден гол на натпреварот, додека Филип Кузмановски не се запиша во листата на стрелци, а имаше две асистенции.

Третиот претставник од Македонија, Мартин Томовски со својот Лудвигсхафен беше поразен на домашен терен од Ерланген со 26:30. Првиот дел им припадна на гостите со 13:15, а во вториот дел имаа и највисоки шест предност што беше доволно за победа. Мартин Томовски за петнаесетина минути на голот успеа да запре три удари на противничките ракометари.