Пешевски го доби „македонскиот“ дуел против Томовски, Магдебург и Кузмановски се вратија на победите

Бундес пресметката помеѓу македонските репрезентативци Жарко Пешевски и Мартин Томовски заврши со победа на тимот на пикерот Пешевски. Штутгарт славеше на гостувањето кај Лудвигсхафен со 27:23.

Клучната предност за победата Пешевски и соиграчите ја направија во првиот дел кога имаа водство 14:10. Во директниот дуел подобар беше играчот кој игра во поле, Пешевски од три обиди три пати го погоди голот на Лудвигсхафен. Мартин Томовски натпреварот го заврши со пет интервенции.

Ова беше прва победа во Бундес лигата за Штутгарт и Пешевски, а вториот тим кој до осмото коло немаше победа успеа да дојде до првата радост. Екипата на Нордхорн триумфираше против Лајпциг со 33:30.

Магдебург забележа лесна и убедлива победа 30:21 против Гепинген на домашен терен во 8. коло од Бундес лигата. Домашните имаа особено добро издание во второто полувреме во кое постигнаа двојно повеќе голови од противникот, а по 30 минути имаа 16:14. Филип Кузмановски доби шанса за настап во вториот дел и постигна еден гол.