Периќ: ГОГ Гудме игра брз ракомет, но ќе се обидеме да ги успориме и победиме

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ги очекува нов натпревар од Лигата на Европа против данскиот ГОГ Гудме.

Средниот бек Јосип Периќ вели дека ќе се обидат да ја успорат играта на Данците и да остварат победа над тимот кој има тројца ракометари што ја освоија титулата на СП.

„По овие две победи мислам дека ќе ни биде многу полесно да го одиграме овој натпревар против ГОГ Гудме. Данците играат многу поразличен ракомет од Татабања. Од првиот натпревар во Данска одигравме многу повеќе натпревари, се запознавме подобро, имаме и некои нови играчи и верувам дека ќе биде поквалитетен дуел од првиот“, вели Периќ.

Стратегот Жељко Бабиќ нема да смета на Маџовски, Кушан, неизвесен е и Мандалиниќ…но Периќ вели дека битолчани имаат ракометари што може да ги заменат.

„Секако дека имаме квалитетни играчи кои не добија голема минутажа досега, но веќе покажаа дека на нив треба да се смета и можат да издвојат свој учинок во екипата“, продолжи Периќ.

Во споредба со првиот меч, во данскиот тим се враќа средниот бек Мортне Олсен.

„Играч како Мортен Олсен додава дополнителна снага на младата екипа на ГОГ Гудме. Тој е искусен играч, има завидна биографија и ќе му даде нова нијанса на тимот и ќе бидат поквалитетни со него во тимот. Ние играме поразличен ракомет од нив. Нашиот стил се базира повеќе на одбрана, а тие се млади и негуваат брз ракомет. Ќе се обидеме да ги успориме и да ги победиме“, заврши Периќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ГОГ Гудме се игра утревечер во „Боро Чурлевски“, со почеток во 20:45 часот.