Пелистер се радува на нова победа, Чаир падна во Битола!

Екипата на Пелистер пред својата публика во спортската сала „Боро Чурлевски“ во рамки од 4. коло од Женската лига успеа да триумфира против тимот на Чаир, со резултат 32:27. За Пелистер ова беше втора победа во домашниот шампионат и со новите три бода, моментално, се наоѓа на 3. позиција на табелата во групата А.

Ракометарките на Котевски имаа одлични први 30 минути, во кои од првата, па сѐ до последната минута беа во резултатска предност. Пелистер во воведниот дел се одлепи на 4:2, потоа дојде и до плус три гола разлика, 7:4, и како што одминуваше времето градеше сигурна резултатска предност, која во 20 минута беше 11:7.

Разиграни беа Босилковска, Франсоа, Корлевска и во моментите кога се кршеше резултатот проработи и Наумовска, па така домаќинките пред крајот на првото полувреме стигнаа до 16:11. Јована Хосни продолжи да брани во одлична форма и Чаир никако не можеше да дојде до камбек во дуелот. Домашната екипа на полувреме имаше активен резултат од четири гола разлика, 18:14.

Пелистер со голот на Франсоа на почетокот на вториот дел зголеми на 19:14. Гостинките од Чаир првиот гол во второто полувреме го постигнаа во 35 минута преку Микхелидзе. Домашната екипа не дозволуваше лесни погодоци, ги казнуваше грешките на гостинките и во 40 минута стигна до највисокото водство од плус шест, 23:17, а минута подоцна имаше и 24:17. Чаир само во неколку наврати успеваше да намали на пет гола разлика и до крајот на натпреварот немаше сили да направи нешто повеќе.

Во победничката екипа најефикасна беше Моника Босилковска, која имаше одлична партија со 13 постигнати погодоци, додека Мари Франсоа и Сандра Корлевска постигнаа по шест гола. На голот на домашниот тим блескаше Јована Хосни со двоцифрена бројка на одбранети удари. Кај екипата на Чаир најефикасни беа Мариами Микхелидзе и Љеонора Рахмани со по пет гола.

ЖЕНСКА ЛИГА ГРУПА А