Пелистер на шопинг кај градскиот ривал – ги ангажира Корлевска и Талева

Амбициозната екипа на Пелистер пред стартот на новата натпреварувачка сезона, 2022/23, продолжува да го комплетира тимот. Нови засилувања во Пелистер се Сандра Корлевска и Ана Марија Талева, кои во таборот на Пелистер ќе пристигнат од градскиот ривал Феникс.

Корлевска и Талева изминатата сезона беа меѓу најдобрите стрелци во Женската лига. Корлевска сезоната ја заврши со 126 постигнати погодоци, додека Талева во сезона 2021/22 постигна 114 погодоци. Талева беше и на поширокиот список за настап на Медитеранските игри во Алжир и заедно со Корлевска се очекува да бидат квалитетни засилувања во составот на Пелистер.

Претходно Пелистер ја ангажираше поранешната репрезентативка на Франција, Мари Франсуа, како и домашните засилувања, левиот бек од Деспина, Сања Цветкоска и левото крило од Феникс, Сара Илиевска. Раководството на клубот, моментално, е во преговори со уште неколку ракометарки, па така во следниот период се очекува да има нови засилувања во тимот.

Пелистер во новата сезона во Женската лига ќе игра во групата А заедно со екипите на Куманово, Вардар, Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата од женскиот шампионат, додека останатите четири ќе играат во плеј-аут групата.