Пелистер запиша нова победа, Скопје падна во Битола

По поразот од Куманово и по репрезентативната пауза, ракометарките на Пелистер се вратија на победничките патеки во Женската лига, откако на домашен терен славеа против Скопје со 35-27.

Гостинките парираа во првиот дел, имаа добри моменти и на стартот на второто полувреме, но потоа попуштија со концентрацијата и Пелистер ги искористи своите шанси да направи висока предност.

Битолчанки отворија со водство од 3-0 и 4-1, но Скопје со серија од четири гола направи комплетен пресврт и поведе со 5-4. Гостинките парираа до 7-7, но потоа влегоа во „црна дупка“. Им дозволија на домаќинките да постигнат пет гола по ред за 12-7 и да ја најават победата. Во финишот на полувремето избраничките на Котевски стигнаа до 16-11, но Скопје со два гола по ред намали на 16-13, резултат со кој се замина на пауза.

На стартот на вториот дел девојките на Радуловиќ намалија на минус два, 18-16, но во тој момент останаа без Росана Павлова, која заработи црвен картон. Таа имаше од претходно едно исклучување, заработи уште едно по стартот на Сандра Корлевска.  Реагираше на одлуката, заработи и трето што значеше црвен картон. Пелистер погоди три пати по ред за 21-16, гостинките имаа шанса за минус два, но Хосни запре еден удар и тогаш тргна колата низ брдо за Скопје.

Битолчанки се одлепија на плус седум, 24-17 и веќе немаше назад за гостинките. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Босилковска со осум, како и Наумовска и Корлевска со по седум гола, додека кај Скопје се истакнаа Попова со девет и Неделковска со шест погодоци.