Пелистер го реши тренерското прашање – дама седнува на клупата

Женската екипа на Пелистер во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе има нов тренер, откако довчерашниот предводник Адријано Котевски си замина од клубот.

На клупата на Пелистер ќе седне младата Моника Талевска, која е дете на битолскиот клуб и која во својата кариера го носеше дресот и на некогашниот шампион на Македонија, Металург.

Со оглед на големата конкуренција за првите пет позиции во единствената женска конкуренција во Македонија, главна задача на Талевска ќе биде битолскиот тим да го повтори минатогодишниот успех.

Пелистер во ланската сезона избори пласман во плеј-оф фазата и на крајот заврши на 6. позиција. Сепак, во новата сезона ќе се игра по системот секој со секого, ќе има вкупно 26 кола, па така Пелистер ќе треба да даде повеќе од потребното за да стигне до забележителен успех.

Битолчанки во првото коло на свој терен во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе бидат домаќинки на актуелниот шампион и бранител на титулата, тимот на Ѓорче Петров.

Дуелот меѓу Пелистер и Ѓорче Петров ќе се одигра в недела (17 септември) со почеток од 14:30 часот.