Пелистер го задржа ростерот – остануваат Франсоа, Талева, Корлевска, Босилковска…

Екипата на Пелистер за новата сезона успеа го задржи ростерот, кој моментално ќе биде надополнет со двете нови засилувања, голманката Дона Маркоска од ракометната школа Сани и десниот бек Ангела Камческа од Деспина Прилеп.

Тренерот Адријано Котевски за новата сезона ќе може да смета на најискусната, екс репрезентативката на Франција, Мари Франсоа, која може да ги покрива сите бековски позиции, а нејзина природна позиција е среден бек.

Во битолскиот тим остануваат и младинските репрезентативки Кристина Наумовска и Ана Марија Талева, како и Моника Босилковска, Наталија Дишковска, Сандра Корлевска, така што Пелистер и во новата натпреварувачка сезона ќе има квалитетен ростер за надигрување и уште еден пласман во плеј-оф натпреварувањето.

Битолчанки минатата сезона ја одиграа солидно, во регуларниот дел остварија осум победи, обезбедија пласман во плеј-офот и настапот во единствената женска сениорска конкуренција го завршија на 6. позиција.

Пелистер во Купот на Македонија немаше многу среќа и во четвртфиналето беше елиминиран од новиот освојувач, тимот на Куманово.