Пелистерци се израдуваа на прва победа во СЕХА!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа до првата победа во регионалната СЕХА лига, откако пред своите навивачи триумфираа против тимот на Војводина, со резултат 30:25.

Иако екипата на Ларс Валтер не стартуваше според посакуваното, сепак, по нерешените 1:1, домаќините за неколку минути игра постигнаа пет гола во низа и се одлепија на ,,плус пет” во 10 минута, 6:1. Српскиот шампион, кој во Битола допатува со младински состав, немаше опции за изненадување, но во одредени периоди од дуелот успешно им парираше на ,,фармацевтите”.

По фуриозниот налет на Еурофарм Пелистер, гостите не се предаваа и со серија од 3:0 намалија на 6:4. Откако домаќинот прими три гола во серија, тренерот Ларс Валтер мораше да побара тајм-аут и да ги смири своите избраници. Советите од домашната клупа дадоа резултат, реализираа Кисум и Кузмановски и водството на Еурофарм Пелистер во 15 минута беше 8:4. Домаќините во еден момент ја стабилизираа играта, одржуваа позитива од два до три гола разлика, но пред финишот на првиот дел гостите најавија камбек.

Беше 12:9 на седум минути пред крајот и упорните ракометари на Војводина успеаја да намалат на само гол негатива, 12:11. До крајот на полувремето домашниот табор искористи неколку грешки на ривалот и не му дозволи целосно да се врати во игра. Македонскиот вицепрвак на пауза замина со водство од 14:12.

Второто продолжение започна со голот на Петар Атанасијевиќ, реализираше за 15:12, но српскиот шампион со погодоците на Масиќ и Куртеш повторно дојде до минус еден, 15:14. Пелистерци се обидуваа да дојдат до поголема разлика, зголемија на 18:15 во 38 минута и одржуваа чекор пред ривалот од Нови Сад.

Војводина во 40 минута имаше шанса да дојде до израмнување, по почетните 1:1, но голманот Драшко не успеа да го погоди празниот гол на домаќините. Тоа беше и последниот обид на гостите да направат нешто повеќе, бидејќи Еурофарм Пелистер преку расположениот Дејвис влезе во ритам, зголеми на 24:21, имаше и 26:22 во 50 минута и рутински ги одработи последните десет минути од сехалигашкиот дуел.

Најефикасни во Еурофарм Пелистер беа Каспер Кисум со девет и Вилсон Дејвис со седум погодоци. Кај Војводина одлична партија имаше Никола Ковачевиќ со осум реализации, а меѓу стативите во солидно светло се покажа Марко Драшко со 11 интервенции.