Пеколен финиш на битолчанки: Пелистер губеше пет разлика во вториот дел, но на крајот победи со седум!

Ракометарките на Пелистер остварија втора победа во плеј-офот од Женската лига, откако на домашен терен беа подобри од Овче Поле Славјански Универзитет со 35-28.  Избраничките на Адријано Котевски во 42 минута од мечот губеа со пет разлика, но имаа пеколен финиш и на крај славеа со седум погодоци.

Во првиот дел и двете екипи имаа свои моменти, но гостинките од Свети Николе најчесто беа тие што го диктираа темпото и резултатот. На пауза беше за 17-15 за Овче Поле СУ.

Ракометарките на Илија Бетувски одлично го стартуваа и второто полувреме, во повеќе наврати имаа и плус пет гола предност, 24-19, по што на теренот играше само една екипа – домашната.

Се редеа голови, и по 25-22 за Овче Поле СУ, следуваше пеколна серија на битолчанки за комплетен пресврт и водство со 30-25, а потоа до крајот задачата беше само рутински одработена.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Франсоа Мари со девет гола, Моника Босилковска со осум и Кристина Наумовска со седум, додека кај Овче Поле СУ се истакна Марија Галевска со десет погодоци.