Паунков херој во Богданци: Младост го доби драматичното дерби со Македонија ЃП!

Младост Богданци славеше против Македонија Ѓорче Петров со 23-22 во драматично дерби од 12 коло на Првата лига. Херој на домашните кои имаа плус два во финишот, 23-21, беше голманот Горан Паунков, кој го одбрани шутот за реми во последна сеунда на Ѓорѓевски.

Домашните поведоа со 7-2 на стартот и помислија дека лесно ќе стигнат до бодови, но гостите не мислеа така. Како одминуваше врмето, така гостите полека се враќаа во игра и ја намалуваа негативата, па до паузата стигнаа до 13-11.

Во второто полувреме избраниците на Оливер Димитриоски направија и комплетен пресврт, првпат и единствен пат водеа со 17-16, а во последните десетина минути с влези со реми, 20-20.

Беше и 21-21, гостите на два пати не реализираа, па беа казнети со голови од искусните Стоилов и Роглев за 23-21. Потоа Младост имаше шанса за плус три, но не погоди, а на спротивната страна Димовски намали на 23-22.

Домашните имаа последен напад, не дадоа гол и гостите тргнаа по реми. Немаа многу идеја во нападот, но сепак упатија удар преку Ѓорѓевски, кој беше одбранет од Паунков и славјето на домашните може да почне.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Антонио Николоски со осум и Митко Стоилов со четири гола, додека кај Македонија Ѓорче Петров се истакнаа Мартин Димовски со десет и Александар Ѓорѓевски со седум погодоци.

Сега Младост Богданци на второто место има 27 бода, три помалку од лидерот Мулти Есенс, додека Македонија ЃП оостанува на четвртото место со 18 бодови.