Пастор е наследникот на Парондо во Египет

Актуелниот тренер на ПИК Сегед, Хуан Карлос Пастор најверојатно ќе биде новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Египет.

Искусниот стратег ќе ја преземе селекторската палка од неговиот сонародник и екс тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

Како што е веќе познато, раководството на Ракометната федерација Египет на 31 јануари го раскина договорот со Парондо и во изминатиот период беше во потрага по нов предводник.

Иако како можен наследник на Парондо се споменуваше името на Талант Душебаев, сепак, конечната одлука падна на Карлос Пастор, кој на лето ќе си замине од актуелниот шампион на Унгарија, ПИК Сегед.

Карлос Пастор во ПИК Сегед пристигна во текот на 2013 година и во неговата ера ПИК Сегед освои три титули во Унгарија, еден Куп трофеј и еден трофеј во ЕХФ Купот.

Во својата кариера беше предводник и на Ваљадолид, а во период од 2004 до 2008 беше селектор на машката сениорска репрезентација на Шпанија.