Партизан со Херона доаѓа во Струга!

Актуелниот селектор на машката сениорска репрезентација на Србија, Тони Херона, ќе биде новиот тренер на српскиот вицепрвак Партизан, пренесува порталот ,,Mozzartsport”.

Според пишувањата на споменатиот портал, искусниот стратег и раководството на Партизан се договориле на тригодишна соработка.

Херона од 2019 година, па до финишот на изминатата сезона беше предводник на Шарт од Франција.

Со неговиот довчерашен клуб не оствари забележителни резултати во најквалитетното француско натпреварување.

Тренерот од Шпанија ја започна кариерата во младинските категории на Барселона, а потоа беше помошник и во првиот, плус работеше и како предводник на вториот тим.

Откако си замина од каталонскиот гигант беше дел од катарскиот Ел Џаиш, пред да ја преземе селекцијата на Тунис, во која се задржа речиси три години. Моментално ја предводи српската репрезентација и со ракометната федерација на Србија има договор на уште една година.

Тимот на Партизан ќе биде учесник на годинешното издание на традиционалниот турнир во Струга.

Покрај Партизан, како и домаќин Струга, ќе учествуваат уште Вардар, Алкалоид, АЕК Атина и Гуиф од Шведска.