Партизан бара некогашен бек на Пролет и Металург

Екипата на Партизан за пролетниот дел од сезоната планира да го засили својот ростер со неколку квалитетни засилувања.

Според пишувањата на српскиот портал ,,Mozzartsport” раководството на Партизан во своите редови посакува неколку играчи за пролетниот дел од сезоната, со цел да може да им парира на посилните екипи и да се вклучи во борбата за титулата.

Голема желба на Партизан е екс ракометарот на Металург и Пролет, десниот бек Ѓорѓе Голубовиќ и левото крило Младен Шотиќ.

Голубовиќ моментално е дел од словачкиот шампион Татран Прешов, но постои опција тој да се врати во Србија и да ги засили редовите на амбициозниот клуб од Белград.

Левото крило Шотиќ оваа сезона го направи првиот интернационален предизвик, откако потпиша за Бенидорм од Шпанија.

Според српските медиуми, повремениот репрезентативец на Србија не настапил на последниот натпревар во Асобал лигата.

Партизан првиот дел во српскиот шампионат го заврши на 4. позиција со биланс од 10 победи и три порази и на свое конто запиша 20 бода.