Пакет од Кавадарци за прилепчани, двајца ракометари заминаа

Тимот на Прилеп во пролетниот дел од сезоната во Суперлигата ќе биде посилен за двајца ракометари кои есента настапуваа во Тиквеш од Кавадарци.

Станува збор за средниот бек Марио Гичев и кружниот напаѓач Марко Трајковски, кои ќе ги надополнат местата во прилепскиот тим што останаа празни по заминувањето на Христијан Милошески и Александар Тренчевски.

Гичев и Трајковски дојдоа во Кавадарци по барање на поранешниот тренер Ристо Магдинчев, а кај Горан Андоновски немаа голема минутажа и решија да побараат нова средина.

Средниот бек Гичев беше дел од Текстилец, Вардар 2, Работнички, Пролет, Јуниор Кисела Вода, додека Трајковски играше за Пролет, Јуниор Кисела Вода и Бутел Скопје.

Прилепчани веќе стартуваа со подготовките за пролетниот дел од суперлигашката конкуренција, а првите тренинзи ќе ги пропушти грузиското трио Мириани Гавашелишвили, Зураб Цинцадзе и Реваз Чантурија, кои имаа обврски со националниот тим.

Тренерот Горан Кузманоски планира пријателски натпревари против српскиот тим Дубочица Лесковац на 21 и 22 јануари, пред стартот на Суперлигата на 2 февруари.

Тиквеш беше изненадување на полусезната – ама двајца си заминуваат