Павле Петровиќ го засили Еурофарм Пелистер 2

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 се засили со младиот ракометар од БиХ, Павле Петровиќ. 21-годишниот ракометар беше на пробен период во вториот битолски тим и ги задоволи критериумите на челниците на клубот.

Се чека само официјализирање на договорот помеѓу младиот ракометар и тимот од Битола.

Десниот бек во Битола пристигнува од суперлигашот Локомотива Брчко. Во Локомотива Брчко ги помина сите младински категории, а последните сезони беше дел и од сениорскиот тим. Пред да пристигне во Еурофарм Пелистер 2, имаше понуди од клубови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија.

Новото засилување ќе биде втор ракометар од Брчко во битолското семејство по Невен Стјепановиќ кој настапува за првиот тим.

Петровиќ имаше договор со неговиот матичен клуб до мај, 2021 година, но раководството на клубот реши да го ослободи од обврските.

Во плеј-оф натпреварите прв предизвик за Еурофарм Пелистер 2 ќе биде шампионот на Македонија, Вардар, а потоа ќе следуваат дуели со Струга, Охрид, Пролет, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер и Металург.