Охриѓани убедливи против новиот суперлигаш Тиквеш

Тимот на Охрид по добрите игри на Струшкиот турнир, продолжи со играњето на пријателски натпревар пред стартот на новата сезона. Избраниците на Раде Стојановиќ беа подобри од кавадаречки Тиквеш со убедливи 33-21.

Охрид во првиот дел направи солидна предност од четири погодоци, 9-5, но кавадарчани се вратија во игра и намалија на минус еден, 12-11. Сепак домашните повторно го засилија темпото и на пауза заминаа со плус три, 17-14.

Тиквеш во вториот дел тешко стигнуваше до позиција за погодок, грешеше во нападот, а Охрид тоа го казнуваше со лесни погодоци од контри и полуконтри. Разликата само се зголемуваше до самиот крај за конечни плус 12, 33-21.

Најдобар стрелец во Охрид беше Кривокапиќ со седум голови, а Тот погоди шест пати.

Следните пријателски натпревар за охриѓани се против Аеродром, Еурофарм Пелистер 2, Еурофарм Пелистер и уште еднаш Тиквеш, додека кавадарчани ќе се сретнат со Радовиш, КЛ7 и уште еднаш Охрид.