Охриѓани се прошетаа низ Радовиш

Тимот на Охрид, иако се очекуваше да има поголеми проблеми на гостувањето во Радовиш, сепак на крајот славеше убедлив, 22-29, откако и на полувремето имаше предност од шест погодоци, 9-15.

Охриѓани полека го градеа водството. По десетина минути имаа плус два,  3-5, а по дваесетина веќе беше 6-11 и јасно беше дека домашните ќе имаат тешка задача за камбек.

На стартот од второ полувреме Радовиш погоди два пати во серија и намали на 11-15. Но момците на Раде Стојановиќ „запнаа“ и зголемија на 11-20, по што немаше веќе дилеми која екипа ќе слави.

До крајот само рутински беше одработена задачата. Најпрецизен во составот на Охрид беше Филип Кривокапиќ со девет голови, додека Бобан Блажески постигна осум.

Филип Николов и Пеце Ѓорѓиески со по четири погодоци беа најпрецизени во тимот на Радовиш. Во последното коло Охрид ќе игра дома со Вардар Јуниор, додека Радовиш ќе гостува кај Металург 2.