ОХРИД 2023: Бутел Скопје – со реновиран тим по нови успеси

Од 23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ со учество на осум екипи. Покрај домаќинот Охрид, од Македонија ќе играат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје и шампионот Еурофарм Пелистер, додека од странство ќе дојдат турскиот Бешикташ, грчкиот Олимпијакос, српската Металопластика Шабац и словачкиот Татран Прешов. 24Ракомет Ви ги претставува сите учесници...

Тимот на Бутел Скопје пред стартот на новата сезона сврти нов лист и реши да го реновира ростерот со кој ќе се обиде да ги повтори успесите што ги имаше претходните сезони.

Заминаа дел од играчите што беа долго време на клубот – Јовица Младеновски, Златко Мојсоски, Мирко Мајиќ…како и Мартин Манасков, Стефан Стојчевиќ, Филип Ивановски, Илија Табаков и тренерот Кристијан Грчевски.

Дојде друг млад стратег Горан Кузманоски, нови договори потпишаа искусните Владимир Јевтиќ и Кристијан Василевски, како и кадетскиот репрезентативец Дејан Михајловиќ, па Бутел одново има одлично трио на линијата.

Засилување на голманската позиција ќе биде искусниот Александар Стојаноски, кој ќе формира трио со Бојан Блажески и Наум Симјановски, кои договорија продолжување на соработката.

На нови договори се обврзаа бековите Стефан Крстевски, Димитар Ѓоргиевски, Кристијан Давитковски, а беа донесени српскиот лев бек Лука Иваниќ и Марко Стојанов, како и десното крило Дамјан Георгиев.

Тренерот Кузманоски ќе има на располагање подмладен, но состав кој ќе може повторно да се бори за повторување на најголемиот клупски успех – третото место во Суперлигата.

Натпревари на Бутел Скопје на турнирот „Крсте Андоновски Усташ“

23/08, 13:15 часот, Еурофарм Пелистер
24/08, 11:00 часот, Металопластика Шабац
25/08, 13:15 часот, Татран Прешов 
26/08, за пласман

Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.

.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.
.