Охрид потпиша професионални договори со тројца таленти

Екипата на Охрид, која во следната сезона ќе има нов тим, по ангажирањето на Даниел Андоновски и Тоше Ончев, денеска ги претстави новите засилувања.

Станува збор за младите таленти, Никола Шипинкоски, Никола Ристески и Владимир Наумоски, кои настапуваа за младинските категории на Охрид.

Тројцата ракометари со суперлигашот потпишаа професионални договори. Претходно, договорите со Охрид ги продолжија Крсте Андоновски и Иван Тасески. Во екипата на Охрид остануваат и двајцата млади ракометари, Наум Костов и Кристијан Димитриески.

Охриѓани прават голем ремонт на играчкиот кадар, а на тренерската позиција дојде Горан Андоновски, кој се враќа во матичниот клуб по три сезони. Охрид сезоната во домашниот шампионат ја заврши на 6. позиција и не успеа да обезбеди место на европска сцена.