Охрид ита кон плеј-оф, ги грабна трите бода против Бутел

Ракометарите на Охрид во рамки од 8. коло од Супер лигата успеаја да триумфираат против составот на Бутел Скопје, со резултат 25:22, во натпревар од групата А. Освен на почетокот. неизвесност во останатиот дел од натпреварот во спортската сала „Билјанини извори“ немаше. Домаќините во секој сегмент од играта беа подобри од гостинот.

По израмнетиот почеток и нерешените 2:2, избраниците на Андоновски со два гола во низа се одлепија на 4:2 и преку разиграните бекови Озтурк и Шешиќ, кој повеќе асистираше, градеа сигурна предност, која по 15 минути игра изнесуваше плус четири гола разлика, 7:3. Тука веќе сѐ чинеше дека гостите од Скопје ќе имаат тешка задача да им парираат на расположените домаќини, кои константно беа во водство.

Охрид играше одлично во одбраната, не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа, ги користеше грешките на противникот и до крајот на првото полувреме одржуваше предност од три до четири гола разлика. Во 20 минута беше 10:6, на пет минути пред крајот на првиот дел домаќинот водеше со 11:7, додека на пауза резултатот гласеше 12:8 во корист за домаќините.

Охрид ја користеше секоја шанса за да дојде до повисока предност и сакаше да го реши натпреварот уште на стартот на второто полувреме. По пет минути игра во вториот дел водството на домаќините достигна пет гола разлика, 15:10. Многу „црни дупки“ и лош период имаше Бутел кои им овозможија на домаќините да направат разлика недостижна за евентуален пресврт.

Како одминуваше времето Охрид беше сѐ повеќе посигурен во играта и на петнаесетина минути пред крајот имаше убедлива предност од седум гола разлика, 21:14. Малата невнимателност и опуштањето во домашните редови поради високата предност беа причина Бутел да ја преполови негативата и во 50 минута да намали на 21:17, но немаше време за нешто повеќе, па така домаќините го водеа натпреварот до сигурна победа.

Најефикасни во победничката екипа беа Халил Озтурк со седум и Тоше Ончев со шест погодоци. Во поразениот табор прв стрелец беше Филип Николов со седум реализации.

Андоновски: Покажавме дека сме голема екипа

Ончев: Со храбра и пожртвувана игра се боревме до крај, Озтурк: Ова беше перфектна вечер за нас

Јевтиќ: Сами се победивме, ваков луксуз не смееме да си дозволуваме