Охрид во трка по Младеновиќ, нема „дил“ меѓу Струга и Вујовиќ

Левиот бек Михајло Младеновиќ и пикерот Лука Вујовиќ по заминувањето од тимот на Металург веќе се на мета на други суперлигаши.

За македонскиот репрезентативец има отворен интерес од тимот на Охрид, чиј предводник Раде Стојановиќ соработуваше со бекот во Автокоманда и ги знае неговите квалитети.

За Младеновиќ се распрашуваат и други суперлигаши, но се чини дека е најблиску до трансфер во тимот што имаше 12 победи на 12 меча во регуларниот дел од сезоната во елитната конкуренција.

Младеновиќ е на подготовки со македонската репрезентација и не играше на првиот пријателски натпревар против Чиле, но се очекува да добие шанса на вториот в недела.

Охрид на располагање на левата бековска позиција го има Мартин Манасков, па со евентуалниот ангажман на Младеновиќ, би се формирало одлично дуо.

Уште еден тим од плеј-офот, Струга, се споменуваше како следна дестинација на Црногорецот Вујовиќ, но од тој трансфер нема ништо, па црногорската колонија (Николиќ, Лакичевиќ) покрај езерото нема да се зголеми.