Официјално: Халил Јагањац од следната сезона во Келце

Поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац од следната сезона ќе го носи дресот на полскиот шампион, Келце.

Младиот ракометар во интервју за хрватскиот весник „24 сата“ го потврди неговиот трансфер од Нексе во Келце. Јагањац со одличните настапи во дресот на Нексе во последните три сезони, беше цел на голем број на клубови, сепак, неговата конечна одлука е преселба во Полска.

Хрватскиот репрезентативец во својата кариера играше во клубови од три различни земји. Својата кариера ја започна во Козала, а во сезона 2016/2017, беше дел од францускиот гигант, ПСЖ.

Во дресот на Металург одигра две сезони, иако имаше тригодишен договор со клубот од Автокоманда. Во текот на 2018 година се врати во својата земја и потпиша за Нексе од Нашице. За репрезентацијата на Хрватска има одиграно 12 официјални натпревари и постигнато 31 гол.

Во наредните денови треба да се знаат повеќе информации за неговиот договор со екипата на Келце.