ОФИЦИЈАЛНО: Златко Хорват уште две години во Металург!

Десното крило Златко Хорват поптиша нов договор со екипата на Металург и ќе остане во Автокоманда и следните две сезони.

Хорват дојде во Металург пред почетокот на оваа сезона и е лидер во тимот кој полека влегува во посакуваната форма. Иако во јавноста кружеа различни информации, како што најави 24Ракомет пред десетина дена, Хорват не мрда од Автокоманда.

Минатото лето Хорват дојде како големо засилување во клубот, па неговото останување секако ќе биде од големо значење за екипата. Со своето искуство тој брзо се промовираше во важен ракометар за тимот на Металург, кој сезонава имаше големи турбуленции и мораше да промени неколку тренери. Сето тоа влијаеше и на резултатите и не успеа да дојде до посакуваното.

„Златко Хорват е мој избор со кој посебно се гордеам, како играч, како личност, како другар, одличен за играчки табор, посветен како пример за останатите играчи. Кога пред година дена одлучив да се обидам да го донесам во Металург, знаев дека носам бренд и едно од најдобрите светски десни крила. Сега, на крај на сезона, го продолжувам договорот за уште две години, со столб на екипата, поддршка во секој поглед“, изјави претседателката Зорица Блажевска.

Металург е само вториот клуб во кариерата на Хорват бидејќи тој од почетокот на својата кариера играше за Загреб и од овој клуб дојде во редовите на „металурзите“.