ОФИЦИЈАЛНО: Жељко Бабиќ е нов тренер на Еурофарм Пелистер!

Откако македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер и Стевче Алушовски се разделија кон крајот на ноември, раководството не брзаше со ангажман на нов стратег, па асистентот Божидар Мојсов го водеше тимот на последните натпревари во СЕХА лигата.

Потрагата по новиот стратег заврши во Хрватска. Од денеска на клупата на битолчани седнува Жељко Бабиќ, кој паузираше од ракометот година и пол, а негов последен ангажман беше во словенечкиот Горење Велење до мај 2018 година.

Бабиќ не е тренер што има позначајни успеси на клупско ниво, откако ги водеше белорускиот Мешков Брест, хрватските Метковиќ Јамбо и Сплит, како и словенечките екипи Кршко и Горење Велење.

Иако во комбинација беа Ивица Обрван, Лино Червар, Бранко Тамше, Славко Голужа, Драган Ѓукиќ и уште неколку стратези од Балканот и Шпанија, раководството сепак се реши да му даде доверба на Бабиќ, кој ќе ја оживува тренерската кариера.

Покрај клупските ангажмани, Бабиќ имаше и репрезентативни во селекцијата на Хрватска. Како асистент на Славко Голужа, стигна до третото место на ЕП 2012 година, до бронза на Олимписките игри истата година, како и до истото одличен на СП 2013 година.

Потоа во 2015 беше именуван за селектор на Хрватска, но на ЕП 2016 година стигна само до бронза, а четвртото место му беше достигнувањето на СП 2017 година во Франција. Веднаш потоа доби отказ од Хрватскиот сојуз, одработи една сезона во Горење и оттогаш е без работа.

Дали Бабиќ е вистинското решение за Еурофарм Пелистер останува да видиме, а првите поголеми предизвици ќе ги има пролетва во регионалната СЕХА лига.