ОФИЦИЈАЛНО: Еурофарм Пелистер го промовираше Кузманоски

Екипата на Еурофарм Пелистер ги засили своите редови пред продолжението на сезоната, па веќе има ново лево крило кое доаѓа од редовите на вториот состав. Репрезентативецот на Македонија, Цветан Кузманоски се приклучи на првата екипа и се очекува да дебитира на средбата против Татран Прешов во регионалната СЕХА лига.

Кузманоски дојде во вториот тим на Еурофарм Пелистер минатото лето и одигра одлична полусезона. Тој се избори и за место во сениорската селекција, а во моменти кога првиот тим е со едно лево крило поради повредата на Бојан Маџовски добива одлична шанса да се најде во првата екипа и да ги покаже квалитетите.

Се работи за играч кој потекнува од Струга и кој со оваа екипа имаше неколку успешни сезони. Тој потпиша договор на три и пол години со екипата на Еурофарм Пелистер, а на позицијата лево крило во моментов ќе настапува заедно со уште еден стружанец, Гоце Ојлески.

Во есенскиот дел од сезоната, Кузманоски на 12 средби за тимот на Еурофарм Пелистер 2 погоди 55 пати, додека на Светското првенство во Египет успеа да реализира трипати на четири средби во деби настапот за сениорската репрезентација на Македонија.